НАЦИОНАЛЕН СОЈУЗ НА ЛИЦА СО ТЕЛЕСЕН ИНВАЛИДИТЕТ НА МАКЕДОНИЈА

Mobile menu

logomob

Четврта меѓународна ликовна колонија „Охрид 2013“

18Во организација на Мобилност Македонија, во апартманите во населбата Охридати во Охрид од 20-27.04.2013 година беше одржана четвртата меѓународна ликовна колонија „Охрид 2013“ на која настапија 14 ликовни уметници од земјата и странство.

Организацискиот одбор на ликовната колонија при Мобилност Македонија за учество на годинашното 4-то издание ги селектира следните уметници: Проф. Димитар Малиданов од Скопје, Проф. Зоран Јакимовски од Куманово, Проф. Ибрахим Беди од Скопје, потоа академските сликари Димитар Мајанов од Скопје, Богоја Мојсоски од Охрид, Спасе Перовски од Велес, Валентина Илиевска од Куманово, Намдагжанчивин Литов од Монголија кој живее во Скопје, Јанко Лацо од Зрењанин-Србија, Клара Касаш-Томиќ од Нови Сад-Србија, како и уметниците со инвалидност Тома Димовски од Скопје, Роза Мојсовска од Банско-Струмица, Војко Гашперут од Седло-Словенија и Метод Закотник од Шкофја Лока-Словенија. Гост на колонијата беше Славица Зориќ од Нови Кнежевац, претседаел на заболени од МС на Севернобанатски округ-Србија.

 Мобилност Македонија обезбеди платна, акрилни и водени бои, штафелаи, палети и друг сликарски материјал за учесницте на колонијата, полн пансион кој подразбираше сместување во гарсоњерите во Охридати, исхрама и пијалоци во ресторанот „Орфеј“, како и транспорт на учесниците во Македонија од местото на живеење до Охрид и назад. За Војко Гашперут, уметник кој како и нашата Роза слика со уста, согласно тежината на неговиот инвалидитет, беше обезбеден превоз со специјално адаптирано возило од аеродромот во Скопје до Охрид и обратно. 

 Уметниците твореа во просторот пред и во самите гарсоњери. Атмосферата беше работна, на моменти шегобијна, во секој случај деновите одминуваа во наплив на позитивна енергија, дружење и творење. На крај, зад нив останаа триесетина дела кои Мобилност Македонија дополнително ќе ги врами во соодветни рамки и ќе организира изложба на делата на 3-ти декември во рамките на одбележувањето на Меѓународниот ден на лицата со инвалидност.

 Учесниците на колонијата пополнија прашалници во кои го искажаа своето мислење во однос на условите за работа, сместувањето, исханата, дружењето...

 Еве што изјавија учесниците од странство:
-Клара Касаш-Томиќ: Останете исти, ништо не менувајте. Опуштената атмосфера, без притисок од страна на организаторот, придонесува позитивно во голема мера на инспирацијата на уметниците и успешноста на нивните дела;
-Војко Гашперут: Чувствувам големо задоволство што творам во Охрид со останатите уметници. Охрид е прекрасен, организацијата на колонијата исто така;
-Јанко Лацо: Многу сум задоволен од условите на одржување на колонијата, љубезноста на организаторите, па дури и од љубезноста на конобарите од ресторанот „Орфеј“, што секако не е во надложност на организаторот. Немам никакви сугестии за иднина, напротив сакам да го истакнам напорот на организаторите да не запознаат со културно-историските споменици и природните убавини. Домаќините на други колонии тоа често го занемаруваат и заборааат;
-Метод Закотник: Само продолжете во овој стил. Моите впечатоци се одлични, атмосферата е пријатна, организаторите љубезни и полни со позитивна енергија;

Во сопственост на Мобилност Македонија се наоѓаат повеќе од 130 уметнички слики создадени во изминатите четири изданија на ликовната колонија. Мора да се најде начин како истите да се отуѓат и тоа од две причини: прво, немаме повеќе простор за складирање на делата, и второ треба да се направи обид да се продадат делата и средствата да се употребат за збогатување на содржините на следните ликовни колонии. Изминатите години покажаа дека тешко се продаваат делата, дека иако со симболична цена нема изразен интерес за купување од страна на институциите, бизнис секторот или поединци. Се надеваме дека во најскоро време ќе се најде модел со кој успешно ќе се реализира и ова активност.