НАЦИОНАЛЕН СОЈУЗ НА ЛИЦА СО ТЕЛЕСЕН ИНВАЛИДИТЕТ НА МАКЕДОНИЈА

Mobile menu

logomob

LogoНационалниот сојуз на лица со телесен инвалидитет на Македонија – Мобилност Македонија достави барање до Владата на Република Македонија за одобрување на проект за обновителна рехабилитација за 400 лица со телесен инвалидитет годишно и најмногу 50 придружници, кој ќе се реализира преку Министерството за труд и социјална политика и Мобилност Македонија.

Владата на РМ беше запознаена дека Мобилност Македонија, како доброволна, општествено хуманитарна и национална организација на лицата со телесeн инвалидитет на Република Македонија ги претставува и застапува лицата со телесна инвалидност и нивните интереси во комуникација со државните органи во Република Македонија и на меѓународно ниво. Во Мобилност Македонија доброволно се здружени 17 општински и меѓуопштински инвалидски организации со вкупно 7.200 членови кои имаат пречки во мобилноста поради телесна инвалидност предизвикана од: параплегија, дистрофија, ампутација на екстремитет, детска парализа, церебрална парализа, мултиплекс склероза и други невро мускулни или коскени заболувања, со сочувани ментални способности.

Поред другите промени во животните навики и однесувања на лицата со телесен инвалидитет, овие оштетувања придонесуваат истите да го редуцираат своето движење, да бидат подложени на подолготрајно седење или лежење, кое пак неминовно доведува до потполна атрофија на мускулатурата на оштетениот екстремитет (или екстремитети), како и драстично намалување на кондицијата на преостанатата мускулатура и комплетно физичко слабеење на единката, особено кај младите лица кои се уште не го завршиле потполниот телесен развој. Физичката неактивност придонесува и до слабеење на други органски системи, пред се кардиоваскуларниот, така да лицата со телесен инвалидитет се подложни на зголемен ризик од кардиоваскуларни и респираторни заболувања.

Заради сочувување и подобрување на својата здравствена состојба и намалување на ризикот од кардиоваскуларни и респираторни болести, лицата со телесен инвалидитет имаат потреба од континуирана обновителна рехабилитација во бањско-климатските центри.

Многу често ова потреба од обновителна рехабилитација за лицата со телесен инвалидитет се поистоветува со бањско-климатското лекување, како продолжено болничко лекување. Тоа не е точно, ниту пак лицата со телесен инвалидитет имаат потреба да лежат во болница и да прават дополнителни трошоци во системот на здравството за да подоцна, бидат упатени на бањско климатско лекување. На лицата со телесен инвалидитет им е потребна обновителна рехабилитација секоја година, а не продолжено болничко лекување. Потребна им е континуирана и стручно спроведена обновителна рехабилитација како систем да им се овозможи на телесно инвалидизираните лица преку програмирани вежби во бањско климатски лекувалишта да ја подобрат својата здравствена состојба, да се рехабилитираат и социјализираат.

Владата на Република Македонија јасно ја декларира грижата и заштитата на пензионерите спроведувајќи мерки кои им овозможуваат достоинствен, стабилен и посреќен живот меѓу другото и со проектот кој се реализира преку Министерството за труд и социјална политика за бањско климатска рекреација на 10.000 пензионери годишно.

Мобилност Македонија се обрати со молба и барање на сличен начин како и за пензионерите, да ја декларира грижата и заштитата на лицата со телесен инвалидитет предизвикана од: параплегија, дистрофија, ампутација на екстремитет, детска парализа, церебрална парализа, мултиплекс склероза и други невро мускулни или коскени заболувања, спроведувајќи мерки кои ќе им овозможат достоинствен, стабилен и посреќен живот со проектот за обновителна рехабилитација за 400 лица со телесен инвалидитет годишно и најмногу 50 придружници, кој ќе се реализира преку Министерството за труд и социјална политика и Мобилност Македонија. Проектот би се реализирал во правни лица регистрирани за вршење на услуга за бањско климатско лекување со коишто Министерството за труд и социјална политика ќе склучи договор. Услугата на обновителната рехабилитација за лицата со телесен инвалидитет би опфаќала: 14 полни пансиони (ноќевање со три оброка дневно), бањска терапија, еден задолжителен здравствен преглед и трошоци за превоз во висина на повратна автобуска карта од местото на живеење на корисникот до установата во којашто ќе се користи услугата на обновителна рехабилитација.

Со надеваме дека Владата на РМ позитивно ќе одговори на нашето барање и дека во најскора иднина ќе се реализира ова суштинска потреба за лицата со телесен инвалидитет.