
На 20.08.2019 година, во просториите на Владата на Република Северна Македонија, на покана од посебниот советник за правда, Тања Чачарова Илиевска, беше одржан работен состанок помеѓу претставниците на Мобилност Македонија, Бранимир Јовановски и Софка Прчева, директорот на ЦОП „Славеј“-Скопје, Горан Чаловски, директорите на ФЗОМ, Ден Дончев и Орхан Рамадани, директорот на сектор за финансиски прашања при фондот, Миле Сугарев, советникот на директорот на ФЗОМ за ортопедски помагала, Даниела Стојановска-Џинговска, раководителот на одделение за договори со здравствени установи, Фатон Мемети и претседателот на НКТ за имплементација на Конвенцијата на ООН за правата на лицата со инвалидност, Спасе Додевски.
На 10.09.2019 година во хотел Солун во Скопје се одржа состанок на работната група на дел од проектот: ,,Правен, финансиски и физички пристап до правда во основните судови во Р. Северна Македонија". На состанокот присуствуваше секретарот на Мобилност Тетово и Гостивар, Фани Јаќимовска, а беа присутни и претставници од други невладини организации, претставници од медиумски куќи, од Министерство за труд и социјална политика, како и претставници од Коалиција Сите за правично судење, кои го имплементираат овој проект со поддршка на УСАИД за граѓанско учество.
На 06.09.2019 година, во Општина Шуто Оризари, во дворот на градинката „8-ми Април“ беше отворено новото детско инклузивно игралиште, четиринаесто по ред во нашата држава.
Оваа градинка е изградена со финансиска подршка на Кралството Норвешка, додека дворното место е изградено од страна на Општината Шуто Оризари, Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) и Министерство за труд и социјална политика во партнерство со Мобилност Македонија.
На обезбедениот простор со мека подлога се поставени двојна нишалка со специјални седишта, комбинирана клацкалка со 2 специјални и 2 обични седишта, платформа на вртење-специјална и еден комбиниран реквизит. Вкупната вредност на поставените реквизити е 580.000,00 денари, средства што Министерството за труд и социјална политика ги обезбедува согласно проектот за инклузивни игралишта и програмата за работа на сојузот.
Најдобрите шахисти со телесен инвалидитет, членови на Мобилност Македонија: Јанчо Ѓорѓевски од Куманово, Тоде Зафировски од Тетово и Адем Небиу од Скопје, како и нивниот возач и асистент Дејан Ѓорѓиевски, од 23-25.08.2019 година учествуваа на 12 Меѓународно првенство на Бања Лука во шах „Бања Лука 2019“.
Нашите шахисти го освоија првото место во екипна конкуренција меѓу 8 екипи со убедлива игра без претрпен пораз, а за најдобар поединец на турнирот беше прогласен нашиот шахист Тоде Зафировски кој нанижа седум победи по ред.