НАЦИОНАЛЕН СОЈУЗ НА ЛИЦА СО ТЕЛЕСЕН ИНВАЛИДИТЕТ НА МАКЕДОНИЈА

Mobile menu

logomob

001На 27.06.2023 година, на платото пред вилата „Водно“ во Скопје, во организација на УНДП и Владата на РСМ, со поддршка на сопругата на Претседателот на Република Северна Македонија, г-ѓа Елизабета Ѓоргиевска и со Националните сојузи и организации на лица со попреченост, се одржа отворена дискусија на тема ,, Да ја отпакуваме Конвенцијата на Обединети нации за правата на лицата со попреченост по однос на правото на на независно живеење на еднаква основа со останатите граѓани – Што ми е потребно за да живеам независно? “
Отворената дискусија беше организирана со цел подигнување на нивото на разбирање и свесноста за правата на лицата со попреченост помеѓу носителите на самите права, односно самите лица со пореченост и носителите на јавните политики, како и информирање на јавноста по однос на состојбата и заложбите на сите чинители по однос на идентификување на предизвиците со ки се соочиваат и потребата од поддршка за јакнење на капацитетите за нивно надминување.
Настанот го отвори г-ѓа Елизабета Ѓоргиевска со поздравен говор, истакнувајќи дека денешната дискусија е во насока на јавна поддршка за лицата со попреченост, која воедно е и можност за почеток на вистински промени.
Според сопругата на претседателот, во „Конвенцијата на Обединетите нации за правата на лицата со попреченост“ која Северна Македонија ја ратификуваше во 2011 година, како основни начела се наведени постулатите на вистинско праведно и инклузивно општество, за кое се залагаме и ние. Таа додаде дека, за жал, многу од овие начела не се сè уште постигнати, а тоа го потврдува и Анализата на состојбата со правата на лицата со попреченост во Република Северна Македонија, направена во 2021 година од агенциите на ОН во земјава и локални експерти од областа.
„Воочлив е и нерамномерниот напредок кога станува збор за правата на жените и девојчињата со попреченост. Нивните права се составен дел од пошироката борба за родова еднаквост и социјална правда. Би сакала да се осврнам на двојната маргинализација во нивниот случај. Секако не се мали предизвиците со кои се соочуваат и дополнително се соочуваат и со предизвиците поврзани со родовата нееднаквост. Реалност која често останува под слоевите на дискриминација и недостаток на емпатија“, нагласи г-а Ѓоргиевска, додавајќи дека наша обврска е да го заштитиме правото на еднаквост, да ги разобличиме предрасудите и да создадеме амбиент во кој маргинализираните и ранливите нема да бидат заборавени или игнорирани.
Реафирмирајќи ја својата лична посветеност и поддршка за достигнување на главната цел на Конвенцијата на ОН: унапредување, заштита и обезбедување на целосното и еднакво уживање на сите човекови права и основни слободи на лицата со попреченост, како и унапредување на почитувањето на нивното вродено достоинство, Ѓоргиевска повика заеднички да работиме за остварување на оваа цел, преку отелотворување на зборовите во безгранични можности за лицата со попреченост.
Воведно обраќање имаше г-дин Армен Григорјан, Постојан претставник на Канцеларијата на Програмата заразвој на Обединети нации, кој истакна дека Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост е основа на нашата работа при што се реафирмира заложбата дека сите лица со попреченост мора да ги уживаат сите човекови права и фундаментални слободи, но во исто време и да го заштити достоинството на лицата со попреченост. УНДП реализира низа проектни активности заедно со лицата со попреченост, директно насочени кон нив, при што посебно внимание се обрнува на создавање услови и можности за нивна активација на пазарот на трудот, пристап до квалитетно образование и обука, со цел нивно целосно вклучување и независно живеење во заедницата на еднаква основа со сите, потенцираше Григорјан.
Елена Кочовска од Движењето Полио плус истакна дека секоја акција, секоја мерка и мисла на чинителите или центрите на моќ треба да е во согласност со принципите на пакетот 8+1 бидејќи тие се алатки со коишто лицата со попреченост ќе ги уживаат граѓанските и политичките права. Според неа, независното живеење зависи пред сè од прифаќањето на нивната разноличност, на нивната состојба како дел од човековата разноликост, прифаќање и промовирање на нивниот идентитет при што овие 3 принципи го заокружуваат пристапот за човекови права на коишто посочува Конвенцијата за правата на лицата со попреченост.
На денешниот настан учесниците јавно дискутираа на неколку поглавја од Конвенцијата на ООН за правата на лицата со инвалидност и тоа:
· Хабилитација и рехабилитација;
· Здравствени услуги;
· Образование;
· Вработување (самовработување;поддржановработување, вработување во јавна администрација)
· Сервиси за поддршка на независно живеење;
· Услуги достапни во локалната заедница (личен асистент,работен асистент,помош во домот, нега во домот,пристап до јавен превоз, ассистивна технологија и др.)
Во првиот дел од настанот за дискусија и предизвиците со кои се соочуваат во секојдневниот живот се јавија повеќе дискутанти, меѓу кои Снежана Караџовска, лице со двојна надколена ампутација, Бранимир Јовановски, претседател на Мобилност Македонија, Благица Димитрoвска од Инклузива, Христина Просковска од Мобилност Скопје, и други дискутанти.
Во дискусијата учествуваа и Инес Булиќ Koжокариу, директорка на Секретаријатот на Европската мрежа за независно живеење – ENIL и Суела Лала, член на Управниот одбор на Европската мрежа за независно живеење – ENIL.
Учесниците на настанот очекуваат исходот од дискусијата да им овозможи на организациите на лицата со попреченост поефикасно да се застапуваат со цел нивно вклучување во следењето на имплементацијата на Конвенцијата на Обединети нации за правата на лицата со попреченост и Целите за Одржлив Развој, но и во процесите на носење одлуки на национално и локално ниво.
Заклучоците и наодите беа споделени и дискутирани со присутните претставници на министерствата, амбасадите и дипломатскиот кор во насока на зголемување на видливоста на состојбите и залагањата на лицата со попреченост и органицациите кои ги застспуваат со цел имплементација на УН КПЛП за независно живеење на еднаква основа со сите останати.
Настанот којшто се реализираше со поддршка на сопругата на претседателот е дел од активноста во рамките на заедничкиот проект на организациите на ОН – УНДП, УНИЦЕФ и УНФПА „Од знаење и ангажман – до јакнење и учество “, министерствата за труд и социјална политика, образование и здравство и организациите кои ги застапуваат лицата со попреченост.