НАЦИОНАЛЕН СОЈУЗ НА ЛИЦА СО ТЕЛЕСЕН ИНВАЛИДИТЕТ НА МАКЕДОНИЈА

Mobile menu

logomob

1На 01.12.2017 година во „Порта Македонија“ со почеток во 19 часот, во присуство на голем број на членови на Мобилност Македонија, уметници - учесници на колониите, поддржувачи на работата на сојузот и други гости, беше отворена изложбата на делата од седмата и осмата меѓународна ликовна колонија, одржани во 2016 и 2017 година. 

Претседателот на сојузот Бранимир Јовановски истакна: „Мобилност Македонија одамна го има препознаено талентот на дел од своето членство кон ликовната уметност и со цел да се унапреди и промовира нивното делување на ова поле, започнавме со организирање на ликовна колонија. Веќе првата беше меѓународна и го оправда своето постоење, така да од година во година се нижеа и стасаа до бројката осум. На колониите учествувале академски уметници и лица со телесен инвалидитет од Србија, Хрватска, Словенија, Бугарија, Чешка и Македонија, а имаме најава дека следната гдина ќе им се придружат и уметници од Германија и Босна и Херцеговина. Ова колонија е единствена од овој вид во нашата република, покажа и докажа дека уметничкиот потенцијал не знае за поделби и инвалидност, и нејзиното организирање има за цел да докаже дека креативните потенцијали на лицата со телесен инвалидитет се доминантни и над предрасудите дека техничката изведба е најважна.“


Во една прилика Мајка Тереза има кажано: „Секој од нас чувствува дека она што го прави е само една капка во океанот. Но ако не правиме ништо, океанот ќе биде посиромашен за таа една капка”. 
Мобилност Македонија со поддржување на оваа креативна дејност на своите членови и организација на ликовните колонии, ја додаде таа капка во океанот на потребите на лицата со телесен инвалидитет на Македонија.

Во рамките на манифестацијата се одржа и литературно читање и беа прогласени најуспешните поетски творби од отворениот повик за XXIII Литературни средби на лицата со телесен инвалидитет на Македонија. Од вкупно пријавени 7 творби, комисијата во состав Весна Ацевска од Скопје, Ѓорѓи Калајџиев од Струмица и Кире Огненовски од Демир Хисар одлучија за најдобри три да се прогласат: 1 место „Губитник“ Билјана Димовска од Гевгелија, 2-ро место „Акростих на знакот“ Љубе Лазаровски од Струмица, 3-то место „Заблуда“ Јасмина Стојановска од Скопје. На најдобрите, генералниот секретар на Мобилност Македонија, Софка Прчева им додели плакети.

На крајот од манифестацијата беше организиран коктел за присутните.