НАЦИОНАЛЕН СОЈУЗ НА ЛИЦА СО ТЕЛЕСЕН ИНВАЛИДИТЕТ НА МАКЕДОНИЈА

Mobile menu

logomob

1На 22.06.2017 година (четврток), во просториите на МТСП, сала за состаноци, се одржа првиот состанок на работната група за измени и дополнувања на Законот за социјална заштита во делот на унапредување на правата на лицата со инвалидност, како и отстранување на некои административни бариери кај некои од правата.

Нашите заложби за измена и дополнувања на Законот за социјална заштита во делот на бришење на одредбата со која корисниците на додадоците за нега и помош, мобилност, слепило и глувост се врзуваат со месечни примања на корисникот ќе бидат прифатени со измените кои престојат.

Претставникот на МТСП, Душан Томшиќ, пред работната група составена од претставници на министерството и претставници на инвалидските организации истакна дека сега тема на работната група е да ги сублимира измените кои се лесно остварливи и за кои е утврдено дека постојат административни бариери за да се оствари правото. Во најскор временски рок ќе биде формирана работна група од експерти која ќе започне на изработка на сосема нов Закон за социјална заштита со кој ќе се предложат сосема друг систем на пружање на социјална подршка, социјални сервиси и надоместоци за корисниците на услугите.

Претседателот на Мобилност Македонија во своето излагање истакна:
„Паричните надоместоци за нега и помош од друго лице, мобилност, слепило и глувост се компензација на инвалидноста и не треба да се врзуваат со личните примања и примањата во семејството. Лицата со инвалидност кои се приматели на овие надоместоци се идентични во тежината на инвалидитетот, ограничени во можноста за самостојно живеење, секојдневно се соочуваат со најразличен вид на бариери кои им ги поставило општеството и кои се пречки за нивна целосна инклузија и независно живеење. Со овие надоместоци се врши делумна компензација на зголемените трошоци на лицето заради задоволување на основните животни потреби, исхрана, облекување, лична хигиена, движење, посета на здравствени установи, одење на работа, читање и пишување... Лицата кои се приматели на овие надоместоци мора да користат личен превоз или да имаат лична придружба дури и кога треба да набават основни прехрамбени продукти, да ангажираат лица за задоволување на своите здравствени, културни, работни потреби, за плаќање на режиски трошоци, бидејќи или не можат да се движат, или има премногу архитектонски бариери, или не гледаат, а околината не е обележана со тактилни површини за самостојно движење на слепите лица, или не слушаат и не зборуваат па некој друг во нивно име треба да ги заврши тие обврски. Надоместоците по овој основ во никој случај не се приход на лицето со инвалидност и на неговото семејство, туку средства за делумна компензација на зголемените трошоци врз основа на инвалидност.“

Во натамошната дискусија истакна дека овие надоместоци треба да се врзат со процент од месечна плата и како што ќе се зголемува просечната месечна плата, така по автоматизам на почетокот на годината (по објавување на статистичките податоци) да се врши автоматска корекција на висината на надоместокот. Во членот кој го регулира враќањето на средствата уплатени како царина, акцизи и ДДВ за набавка на патничко моторно возило, побара да се прецизира дека купопродажната вредноста на возилото да не преминува 10.000 евра без ДДВ. Исто така истакна за лицата со трајни оштетувања кај кои не постои веројатност за подобрување на состојбата да бидат ослободени од обврската за времено продолжување на право на надоместоци. Беше покренато и прашањето за изедначување на биолошките со згрижувачките семејства во однос на надоместоци, меѓутоа ова измена бара детална анализа и пресметка на можни финансиски импликации за нејзина примена.

Тема на работната група беше и унапредувањето на работењето на државните дневни центри за деца со попреченост, предлози за промени и воведување на нови услуги во истите. За таа цел до членовите на работната група беше доставена и анализата на алтернативните форми за згрижување на децата со попреченост подготвена со поддршка од УНИЦЕФ.