Често пати имам впечаток дека сите ние не ги знаеме доволно нашите права од социјалната заштита. Некои од нас делумно а други воопшто не ги знаат сите права кои се од сферата на социјалната заштита и често пати поради тоа некои од нашите членови не ги остваруваат овие права а можеле да ги користат доколку се запознаат со своите права. Затоа во овој текст накусо ќе се обидам да ги информирам членовите на Мобилност Македонија со основните право од социјалната заштита со надеж дека некои од вас кога ќе се информираат полесно и ќе си го остварат своето право кое им припаѓа но од разни причини не го оствариле.
Во Законот за социјална заштита (ЗСЗ) се опфатени различни права од областа на социјалната заштита кои наполно или во одредени сегменти се однесуваат на лицата со инвалидност. Според овој Закон „инвалидно лице се смета лице со ментална или телесна попреченост“.
Според овој Закон правата се концентрирани во рамките на вонинституционална и институционална заштита.
Вонинституционалната заштита опфаќа: право на прва социјална услуга на социјална заштита, помош на поединец, помош на семејство, домашна нега и помош на поединец и на семејство, дневно и привремено прифаќање и згрижување како : помош на поединец и семејство, сместување во згрижувачко семејство, сместување во мал групен дом и самостојно живеење со поддршка.
Правото на социјална услуга на корисник на социјална заштита лицата со инвалидност би можеле да го користат повеќе на посреден начин и тоа во ЦСР. Доколку постои потреба корисниците се упатуваат и поврзуваат со други (соодветни) стручни служби што функционираат како во рамките на ЦСР, така и надвор од него.
Правото на помош на поединец и семејство подразбира примена на соодветни форми на стручна советодавна работа, прилагоден на конкретните потреби на лицето со инвалидност а со цел да се обезбеди зачувување и развој на здравите потенцијали на личноста и нормално функционирање на семејството. Ова право е само мртво слово на хартија бидејќи во пракса воопшто не функционира и според моите информации ова право до сега никој не го искористил бидејќи е веројатно преземено од праксата на други држави а кај нас никој ни го применува ни го користи ниту се знае точно како треба да изгледа.
Право на домашна нега и помош во зависност од видот и степенот на инвалидноста. Ова право можат да го користат лица со инвалидност кои не се во состојба да се грижат за себе и за да ги задоволат егзистенцијалните потреби потребна им е помош и нега од друго лице и тоа над 26 годишна возраст.
До 26 годишна возраст, државата лицата со инвалидност ги смета за деца бидејќи ова право го остваруваат како детски додаток согласено на Законот за заштита на децата каде е предвидено право на посебен додаток за лица со ментален и телесен недостаток до 26 годишна возраст.
Домашната нега и помош на инвалидот се обезбедува и кога тоа лице живее во семејство. Согласно Законот треба да се формира Центар за давање помош во домашни услови. Во пракса не постои овој Центар и корисниците на ова право го остваруваат во вид на паричен надоместок за помош и нега од друго лице или попознато како туѓа нега.
Правото на социјална парична помош е предвидено како право на лице способно за работа и домаќинство доколку е материјално необезбедено и кое според други прописи не можи да обезбеди средства за егзистенција. Ова право се однесува и за семејствата на лицата со инвалидност кои најчесто едвај преживуваат. Ова право е поврзано со остварувањето на приходи на лицето или домаќинството кои по сите основи треба да бидат пониски од износот на социјалната парична помош и секако тоа лице или домаќинство не треба да поседуваат имот или имотни права од кои може да се издржуваат. За остварување на ова право има и посебен правилник како подзаконски акт.
Право на постојана парична помош има лице неспособно за работа и материјално необезбедено кое не можи да обезбеди средства за своја егзистенција врз основа на други некои прописи. Во оваа категорија се вклучени лицата со инвалидност, како лица со умерени, тешки и длабоки пречки во менталниот развој како и лица со комбинирани и други пречки во развојот, кои поради степенот на попреченоста не може да се стекне со образование, како и лице со телесна попреченост кое е неспособно за работа. Оваа неспособност ја утврдува Стручна комисија за давање наод, оцена и мислење за неспособноста за работа и е регулирано со посебен Правилник. ЦСР врши непосреден увид заради утврдување на фактичката состојба на лицето и семејството кога ќе најде за сходно Центарот а најмалку еднаш годишно. Ова право е доста користено од лицата со инвалидност.
Правото на надоместок за помош и нега од друго лице му следува на лице над 26 годишна возраст, со умерени, тешки и длабоки пречки во менталниот развој, лице со потешка и најтешка телесна поперченост, потполно слепо лице, како и лице со трајни промени во здравствената состојба, на кое му е потребна помош и нега од друго лице заради тоа што не е во состојба само да ги задоволува основните животни потреби, доколку ова право не може да го оствари врз основа на други прописи. Висината на паричниот надоместок за помош и нега од друго лице се утврдува во зависност од обемот и потребата за помош и нега од друго лице и периодично се усогласува согласно порастот на животните трошоци но во секој случај ни приближно не ги покрива потребите на овие лица корисници на правото.
И ова право се добива со мислење на Стручна комисија за давање наод, оцена и мислење за потребата од помош и нега од друго лице додека пак ЦСР прави проверка на унапредувањето на состојбата на лицето со инвалидност. И ова право е регулирано со посебен Правилник во кого се предвидени посебните услови за контрола кај лицата со инвалидност кои користат право на туѓа нега.
Правото за додаток за слепило и правото на додаток за мобилност се обезбедува за потполно слепо лице над 26 годишна возраст и за лица над 26 годишна возраст со 100 % телесен инвалидитет и лица со умерени, тешки и длабоки пречки во менталниот развој кои без помош на инвалидска количка не можат да ги задоволат основните животни потреби, утврдени од стручен орган и со решение од ЦСР. Месечниот надомест изнесува 7000 денари. Ова право го користат и потполно глуви лица но со понизок надомест. Тука се во неповолна положба лицата со понизок степен на телесна инвалидност на пример оние кои имаат 90 % или 80 % . Нашите заложби во Министерството за измена на Законот и правење на градација на овој додаток и за овие лица секако со понизок износ не наиде на разбирање и за сега нема расположба за да се стекнат и овие лица со право на овој додаток.
Еднократна парична помош или помош во натура се доделува на лица или семејство кои се нашле во состојба на социјален ризик како лице или семејство кои претрпеле природна непогода или епидемија и подолго лекување во здравствена установа . Ова право е регулирано подробно со посебен Правилник.
Помошта во натура опфаќа обезбедување на облека, исхрана и други средства кои се неопходни за минимална егзистенција на граѓанинот и семејството.
Износите на еднократната парична помош се различни и во зависност од основот и потребата заради која се користи оваа помош
Надоместок на плата за скратено работно време заради нега на дете со инвалидност. Ваквото право е предвидено за вработени родители на дете со инвалидност во Законот за работни односи, а со Законот за социјална заштита е предвиден надоместокот на плата до полното работно време на родителот што се остварува во ЦСР. И ова право е регулирано со посебен Правилник и износот се утврдува и усогласува според потребите периодично.
Во рамките на институционалната заштита на лицата со инвалидност се предвидени следните права: право на оспособување за работно -производствена активност и право на сместување во установа на социјална заштита.
Правото на оспособување за работно – производна активност имаат лица со умерени и тешки пречки во психичкиот развој . Истото опфаќа упатување во установа за социјална заштита, надоместок за на трошоците за сместување и исхрана, надоместок на трошоците за оспособување за работно – производна активност и надомест на трошоците за превоз.
Право на сместување во установа на социјална заштита имаат лица кои немаат соодветни услови за живеење во своето семејство или оние на кои од било кои други причини им е потребно сместување во установа за социјална заштита, а не може да се примени друг облик на социјална заштита. Ова право можи да го користи и лице со телесен инвалидитет кому му е потребно трајно згрижување и нега.
Во Република Македонија постојат и други закони со кои се регулираат социјални бенефиции наменети само на одредени категории на лица со инвалидност. Тука спаѓаат Законот за цивилните инвалиди од војната, Законот за посебни права на припадниците на безбедносните сили и на членовите на нивните семејства, Закон за права на воените инвалиди, на членовите на нивните семејства и за членовите на семејствата на паднатите борци.
На крајот сакам да истакнам како правата во оваа област се регулирани согласно Конвенцијата на ООН за правата на лицата со инвалидност бидејќи со ратификувањето на оваа Конвенција таа стана дел од нашето законодавство.
Согласно чл. 28 од Конвенцијата:
1.Државите потписнички го признаваат правото на лицата со инвалидност и на нивните семејства за соодветен стандард на живеење, вклучувајќи и соодветна исхрана, облека и домување и континуирано подобрување на условите на живеење и ќе преземат соодветни чекори за заштита и промовирање на остварувањето на ова право без дискриминација.
2. Државите го признаваат правото на лицата со инвалидност за социјална заштита и уживање на ова право без дискриминација врз основа на потребите и ќе ги преземат сите соодветни чекори за заштита и промовирање на остварувањето на ова право, вклучувајќи ги и мерките за:
а) обезбедување еднаков пристап на лицата со инвалидност до чиста вода и пристап до соодветни и достапни служби, средства и друга помош за нивните потреби;
б) обезбедување пристап на лицата со инвалидност особено на жените и девојките со инвалидност и постарите лица со посебни потреби, до програми за социјална заштита и за намалување на сиромаштијата;
в) обезбедување пристап на лицата со инвалидност и на нивните семејства кои живеат во состојба на сиромаштија помош од земјата, вклучувајќи и соодветни обуки советувања, финансиска помош и продолжена нега;
г) обезбедување пристап на лицата со инвалидност до програмите за домување;
д) обезбедување пристап на лицата со инвалидност до пензии и програми за пензионирање.
Се надевам дека на овој начин нашите читатели ќе добијат основни познавања од правата во социјалната заштита и доколку некои се уште не оствариле некое право а им следува секако дека ќе си го побараат тоа свое право.