НАЦИОНАЛЕН СОЈУЗ НА ЛИЦА СО ТЕЛЕСЕН ИНВАЛИДИТЕТ НА МАКЕДОНИЈА     

Mobile menu

1 1ФФМ ја поддржа иницијативата на УЕФА „Капитени на промени“ за креирање на еднакви можности за сите во фудбалскиот свет. Како стапивте во контакт со Федерацијата и која ќе биде вашата улога во овој проект?

„Неколку фудбалски ентузијасти – членови на Мобилност Македонија наметнаа идеја во рамките на спортските активности на сојузот да се формира и фудбалски тим кој би играл ревијални натпревари, се со цел да се подигне јавната свест кај граѓаните за можностите на лицата со телесен инвалидитет. Природно беше оваа иницијатива да ја разработиме со Фудбалската федерација на Македонија и така ги инициравме и се остварија првичните контакти со Филип Поповски – генерален секретар на ФФМ и со Ирена Бакревска-Милошевска, носител на проектот „Капитени на промени“ во Фудбалската федерација на Македонија. Таа соработка во меѓувреме се интензивираше и мене ми е необично драго што за прв пат во историјата на ФИФА, дечиња со телесен инвалидитет кои за движење се користат со инвалидска количка ги придружуваа фудбалерите на еден официјален меѓународен натпревар, а тоа беше нтпреварот од квалификациите за учество на Европско првенство во Франција 2016 година, помеѓу репрезентациите на Македонија и Белорусија“.

Проектот се залага за креирање на непречен пристап на лицата со инвалидитет на стадионите и спортските објекти во Македонија и нивна инклузија во општествениот живот.Колку до сега луѓето со телесен инвалидитет беа во состојба да посетуваат фудбалски натпревари или други манифестации што се одржуваат во овие објекти?

„Лицата со телесен инвалидитет, како и поголемиот дел од граѓаните на Република Македонија, се вљубеници во фудбалот – најважната споредна работа на светот. Меѓутоа поголемиот дел на стадионите се непристапни за лицата со телесен инвалидитет, особено на оние кои се движат со инвалидска количка, не само во смисол на скалите на влезот и премостување на висинските бариери, туку и бариерите на трибините, тоалетите и сл. Токму од тие причини не можеа редовно да ги следат фудбалските натпревари, но и другите манифестации кои се одржуваат во овие објекти.“

Што сметате дека е најнеопходно да се направи во рамките на овој проект?

„Се надеваме дека во рамките на овој проект ќе се премостат најнапред архитектонските бариери, ќе се адаптира дел од трибините како би можеле лицата со потежок телесен инвалидитет непречено да ги следат натпреварите и манифестациите, да се адаптираат тоалетите согласно пропишаните стандарди. Ова е само првиот чекор. Понатаму очекуаме да се определат лица во клубовите кои ќе им бидат поддршка на лицата со потежок телесен инвалидитет во активностите кои се одвиваат на стадионите.“

Вработените на ФФМ се запознаа со перцепцијата, стереотипите и предрасудите со кои се среќаваат лицата со телесен инвалидитет. Каква беше нивната реакција?

„Најнапред искрено сум им благодарен на вработените во ФФМ за присуството и активното учество на презентацијата со која се обидовме да ги срушиме стереотипите и предрасудите со кои се среќаваат луѓето кога се во прашање лицата со телесен инвалидитет. Со презентацијата се обидовме да покажеме дека во светот егзистираат бројни лица со најразличен вид на инвалидитет кои успеале да го надминат истиот и да станат успешни и препознатливи политичари, научници, актери, музичари, спортисти.... Нивната реакција беше исклучително позитивна и со дел од вработените подоцна дискутиравме и за други познати личности кои ги надминале бариерите и чии имиња оставиле трага во светската историја.“

Какви се можностите и перспективите за продлабочување на соработката со ФФМ, но и со другите спортски Федерации?

„Можностите и перспективите дефинитивно се големи. Првиот чекор е направен, имаме големо взаемно разбирање и почитување и со ФФМ и со некои други спортски федерации. Нашата интенција е да се вклучиме во редовните активности со спортските федерации и во клубовите во нивниот состав, согласно нашите можности и потенцијали. Дали таа соработка на спортски план ќе биде на рекреативно или на повисоко ниво, зависи од попреченоста и можноста на лицата со телесен инвалидитет да го практикуваат спортот согласно меѓународните пропозиции. Рекреативното ниво нема ограничување и за таа соработка е потребна само обострана желба. Меѓутоа, за пример, Оливера Наковска-Бикова е спортистка која секоја стрелачка федерација би ја посакала. Таа иако има телесен инвалидитет, е само една од 30 жени во светот кои стрелаат над 380 кругови во дисциплината воздушен пиштол. Резултат и вештина за секоја почит. “

Дали во другите сфери на живеење чувствувате зајакнување на капацитетите за правење промени?

„Мобилност Македонија е национална инвалидска организација која ги претставува и застапува потребите на лицата со телесен инвалидитет пред институциите на државата, а се со цел да се подобрат нивните права и положба во сите свери на општественото живреење. Строго сме посветени на преговори со кои ќе се срушат секаков тип на бариери, од архитектонски до социјални, и ќе им се овозможи на лицата со телесен инвалидитет самостоен живот и вклучување во општествените текови на рамноправна основа со другите. Во тие преговори имаме некогаш подобри резултати и ефикасност, некогаш помалку разбирање, меѓутоа основата на делувањето е дека се стремиме кон целосна и ефикасна имплементација на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со инвалидност, донесена од страна на Генералното Собрание на Обединетоте Нации во 2006 година, која Собранието на Република Македонија ја ратификуваше на 05.12.2011 година и со самото тоа таа стана дел од правната легислатива на РМ.“

Во Охрид од 4 до 7 јуни се одржаа 27те Републички спортски игри на лица со телесен инвалидитет во организација на „Мобилност Македонија“. Какви се вашите впечатоци, колку учесниците се задоволни од игрите и од резултатите?

„Самиот број кажува дека Мобилност Македонија има голема традиција со организирање на спортски манифестации на кои своите спортски вештини во атлетика, пинг понг и стрелаштво организирано ги манифестираат на спортските борилишта повеќе од 100 лица со телесен инвалидитет секоја година. Натпреварите се одвиваат во машка и во женска конкуренција во неколку спортски дисциплини. Задоволство ни е што во нашите редови имаме спортисти кои ги преминаа границите на националните вредности и се натпреваруваат и на меѓународно ниво. Горд сум да истакнам дека под мое стручно раководство, планирање и спроведување на нивниот тренажен процес, стрелците Оливера Наковска-Бикова и Ванчо Каранфилов  скоро две децении достојно ја афирмираат Република Македонија низ сите меридијани на светот. Тука сакам да ги спомнам и моите спортски постигнувања и освоени медали. Ние тројцата заедно имаме освоено преку 130 меѓународни медали од сите нивоа на натпреварување меѓу кои 2 златни и 1 сребрен параолимписки медал и два светски рекорди. Секако дека листата на спортисти со телесен инвалидитет кои настапиле на меѓународни натпревари и освоиле медали е поголема, а меѓу нив се: Вангел Жабев со 2 бронзени параолимписки медали во пливање, Сашо Панов со бројни медали во алпско скијање, Мито Фидановски со бронзен медал од европско првенство во стрелаштво, Александар Талески, Митко Орданов, Савре Бојковиќ, Ристо Фотевски, Дејан Ѓорѓиевски, Зоран Јовановски кои освоиле медали на регионални првенства во атлетика.“

На овие игри членовите на „Мобилност Македонија“ имаа натпревар со ветераните на Пелистер. Со оглед на вашата голема мотивираност, како помина тој меч?

„Екипата на Мобилност Македонија имаше чест да одигра фудбалски натпревар со ветераните и воедно легенди на ФК Пелистер. Мотивираноста на лицата со телесен инвалидитет кои ја одиграа утакмицата беше на високо ниво, почитта кон легендите исто така, меѓутоа тие во старт беа определени да го дадат од себе најдоброто што го имаат и да ги покажат своите фудбалски вештини пред прославените фудбалери, дел од нив и поранешни репрезентативци на Република Македонија во фудбал. Честа беше голема, а резултатот беше ставен во втор план. Натпреварот заврши нерешено 5:5, а нашата екипа загуби на пенали со 5:4. Голема благодарност и до нашите натпреварувачи за залагањето, но и до легендите на ФК Пелистер за пружената рака на поддршка.“