На 20.11.2015 година во ДХО „Даре Џамбаз“ беше одржан работен состанок на претставници на Националниот совет на инвалидски организации на Македонија (НСИОМ) со Марица Мириќ, претставник на Заедница на сојузи на лица со инвалидност на Хрватска (СОИХ). Беа разменети искуства во работењето на двете кровни организации на невладините инвалидски организации во Македонија и Хрватска, беа иницирани прашања и теми за натамошна заедничка соработка. Следи потпишување на Меморандум за соработка помеѓу НСИОМ и СОИХ, како и потпишување на меѓусебни меморандуми помеѓу членките на кровните организации. Начелно беше договорено првата следна средба на тема “Лична асистенција-искуства од Хрватска” да се одржи на почетокот на идната година, во јануари, на која колегите од Хрватска, Марица Мириќ и Мандица Кнежевиќ ќе ги претстават моделите на поддршка, законските решенија и изворот на финансиска поддршка, како пример и позитивно искуство за обезбедување на личен асистент, една од услугите која недостасува во законодавството на РМ и е неопходна за нашите членови.
Државното првенство во стрелаштво за лица со инвалидност се одржа на 18.10.2015 година на стрелиштето „Бејбунар“ во Охрид. Главен судија на натпреварот беше Валентина Гоџовска. На натпреварот учествуваа спортисти кои претходно учествувале на општински првенства во своите ССРИ и постигнале резултат над минимум пропишаната норма. На првенството согласно пропозициите за да се додели сет медали (златен, сребрен и бронзен), мора да учествуваат најмалку 5 натпреварувачи. Во категориите каде што учествуваа 4 натпреварувачи беа доделени златниот и сребрениот медал, а каде што се натпреваруваа 3 натпреварувачи беше доделен само златниот медал.
Унапредување на услугите за социјална вклученост на лицата со инвалидност
На 08.10.2015 година во ЕУ Инфо центарот во скопје беше извршена промоција на Проектот „Унапредување на услугите за социјална вклученост на лицата со инвалидност“, финансиран од Европска Унија преку Инструментот за претпристапна помош (ИПА), кој ќе го спроведе Министерството за труд и социјална политика во наредните две години. Мобилност Македонија е активно вклучена во проектот.
Вредноста на проектот, што беше промовиран изнесува 1.366.250 евра. Ќе го спроведе конзорциум предводен од WYG International Ltd. Потписник на договорот е Министерството за финансии.
Целта е да се подобри системот, услугите и професионалните капацитети за социјална вклученост на мажите и жените со инвалидност кои се во понеповолна положба и да се унапредат еднаквите можности на пазарот на труд.
На 05.10.2015 година со почеток во 10.30 часот, во големата сала на ДХО “Даре Џамбаз”, се одржа работилница во рамките на второто издание на проектот за “Достапна администрација за лицата со инвалидност” на која во организација на Заводот за социјални дејности - Скопје, а со поддршка од Министерството за труд и социјална политика, пред повеќе од 70 лица вработени во јавната администрација на локално ниво од повеќето локални самоуправи и државни институции, од.страна на Бранимир Јовановски беше презентирана “личната карта” на Мобилност Македонија, програмските цели и задачи, досегашните остварувања во однос на подобрувањето на правата и положбата на лицата со телесен инвалидитет во РМ, како и проблемите со кои се соочуваат лицата со телесен инвалидитет при образование, вработување или остварување на некое право во локалните самоуправи и во институциите на државата.