НАЦИОНАЛЕН СОЈУЗ НА ЛИЦА СО ТЕЛЕСЕН ИНВАЛИДИТЕТ НА МАКЕДОНИЈА

Mobile menu

logomob

Средба со Министерот за транспорт и врски, Г-дин. Миле ЈанакиевскиНа 14.12.2011 година во ДХО „Даре Џамбаз“ во просториите на Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет на Македонија – Мобилност Македонија беше остварена работна средба помеѓу Министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиевски и претседателот на Мобилност Македонија, Бранимир Јовановски. На средбата присуствуваа и раководителот на секторот за патен сообраќај и инфраструктура при министерството, Стефче Јолаковски, и генералниот секретар на Мобилност Македонија, Софка Прчева. На наше големо задоволство, средбата помина во исклучително концизна дискусија со предлози за конкретни решенија на нашите барања.

 

Претседателот на Мобилност Македонија го запозна министерот Јанакиевски со структурата на нашата организација, истакнувајќи дека Мобилност Македонија е национална инвалидска организација преку која организирано и институционално своите права ги остваруваат околу 7.000 доброволно зачленети лица заболени од: параплегија, детска парализа, церебрална парализа, мултиплекс склероза, ампутации, дистрофија и други нервно мускуларни заболувања.

Министерот Јанакиевски искажа безрезервна поддршка кон активностите што министерството со кое раководи ги презема за подобрување на правата и можностите на лицата со инвалидност. На оваа средба акцент во дискусијата беше ставен на три теми и тоа:

- малиот процент на искористеност на поволноста за патување на лицата со телесна инвалидност.

- налепници за обележување на моторни возила на лицата со инвалидност и

- уредување и адаптирање на плажи во Охрид за непречено користење од страна на лицата со инвалидност.

Претседателот на Мобилност Македонија истакна дека согласно член 33 од Законот за превоз во патниот сообраќај за лица со телесен инвалидитет со процент од 100% и нивни придружници им е овозможено користење на право на шест бесплатни повратни патувања во внатрешниот превоз на патници, на трошок на превозникот, меѓутоа во пракса има пречки за реализација на истото, пред се од причина што согласно одредбата бенефицијата се однесува за лица кои во секојдневниот живот користат инвалидска количка, а во Република Македонија ниту еден авто превозник кој обавува превоз на меѓуградски линии не поседува автобус со адаптиран влез (хидраулична рампа) и внатрешен простор. Со оглед на тоа дека не може да им се наложи на автопревозниците да набават такви автобуси, предлагаме министерството да ја разгледа можноста да го намали процентот на оштетување на 80% со што поголема група на наши членови (по наша проценка околу 500) ќе може да ја користат ова поволност. Министерот Јанакиевски истакна дека неговата служба ќе ја разгледа можноста за измена на законот во делот на процентите и дека ќе направат напори да ја вклопат одредбата од Законот за јавни патишта од членот кој го дефинира ослободувањето од плаќање на патарина за нашите членови.

Голем дел од нашите членови се возачи од „Б“ категорија, меѓутоа не можат да ги обележат своите автомобили со посебен знак (меѓународниот знак за лица со инвалидност во кружна форма со стилизирано лице во количка во бела боја на сина подлога) бидејќи нашиот сојуз нема право да печати такви налепници (забрането со Закон), а согласно Законот за безбедност во сообраќај во член 20 став 3 стои дека посебниот знак го изработува правно лице овластено од министерот за транспорт и врски. И во врска со ова прашање, Министерот Јанакиевски и раководителот Јолаковски ќе преземат активности, најнапред ќе треба да се изготви правилник за критериуми за посебниот знак, а подоцна и да се премине на негово печатење и пуштање во дистрибуција, најверојатно преку организациите кои вршат технички преглед на моторните возила при регистрација на истите.

Мобилност Македонија, во населбата Охридати во Охрид, за користење на право на опоравок и рехабилитација на своите членови има набавено 12 приспособени гарсоњери во кои лицата со најтешка телесна инвалидност можат самостојно или со мала помош да престојуваат и да го користат оваа право. Меѓутоа голема пречка е немање на рампа за влез во езерото со инвалидска количка на барем една плажа во Охрид со адаптирани тоалети и туш кабина, по урнекот на плажи адаптирани за пристап на лица со телесна инвалидност ширум светот. Министерот Јанакиевски вети дека ќе се заложи на четири поголеми плажи, меѓу кои и на најблиската плажа до нашите гарсоњери поред полициската станица кај каналот на „Биљанини Извори“ да се адаптира пристапот во езерото со соодветни рампи и ракохвати, како и тоалети и туш кабини во кои непречено ќе можат да ги користат нашите членови кои користат инвалидска количка, патерици и други ортопедски помагала.

Искрено веруваме дека сите овие ветувања ќе бидат реализирани во најскор временски период.

Средба со Министерот за транспорт и врски, Г-дин Миле Јанакиевски