Вторник и петок се денови кога членовите на МОБИЛНОСТ ги користат клупските простории и спортската сала. Вообичаено пристуни 10-15 членови, некогаш и повеќе, а некогаш помалку, но секогаш неколку. Изборните активности зазедоа голем простор и ние бевме на две закажани трибини. Покрај ова, мора да се спомнат и неколку позначајни настани.
На 06.02.2013 година, со почеток од 9.30 часот во просториите на Хотел „Епинал“ во Битола, делегација на МОБИЛНОСТ Битола составена од Фанче Ѓоргиевска, Димче Христов и Виолета Настевска, зеде учество во работилницата организирана од Центарот за развој на Пелагонискио плански регион и Преда плус, со поддршка на УСАИД. Оваа работилница е дел од проектот чија цел е развивање на јавно-приватен и регионален дијалог и партнерство со поддршка. Иако целта е подигање на капацитетот на мали бизниси, искуствата се драгоцени, а познанствата значајни за поддршка и разбирање на нашата проблематика. Со други зборови, ваквите настани се и тоа како значајни во градењето на имиџот на нашето здружение и запознавање на што поголем број на луѓе, можеби идни големи бизнисмени.
На работилницата како модератори се појавија личности од државните органи, стопанската комора, банки и др. Значајно е тоа што се расправаше и за ИПА/ИПАРД програми за прекугранична соработка. Размената и слушањето на нашите и идеите на другите е толку значајно што нашето здружение во програмата предвиде проширување и ангажмани на повеќе членови и помагачи за изработка и реализација на проекти.
На 24.02.2013 година со почеток од 11 часот во ресторанот „Корзо“ се одржа редовното годишно Собрание на Мобилност Битола, на кое присуствуваа и учествуваа 24 делегати, додека 3 беа оправдано отсутни. На Собранието се расправаше за преземените активности и резултати од работата во 2012 година. Исто така се проследија и препораките на Управниот и Надзорниот Одбор. Надзорниот одбор во два наврати ја прегледа сета документација на Мобилност Битола.
Нивната препорака до УО и Собранието беше дека работењето е во законските норми и домаќинско. Во разгледувањето на материјалите на седницата имаше богата и плодотворна дискусија од повеќе членови на Собранието. Сите дискусии беа умесни и плодотворни во фукнција на збогатување на активноста и што поделотворна евалвација во пракса. Се потврдија насоките кои ги спроведуваше раководниот тим, особено оние кои ја преферираат работата на проекти. Беа дадени одредени сугестии за приоритети кои беа опфатени и инкорпорирани во програмата. Со еден збор добро организирана и изведена седница со респектибилни заклучоци.
Како и сите други, така и оваа година се дискутираше за дружење со повод, а Тој повод е меѓународниот Ден на жената – 8-ми Март. Во изминатите години од целосна организација и финансиска поддршка постепено логистиката ја сведи на организација, а финансирањето во последните три години е целосно самофинансирачко. Се разбира дека некои жалат за минатите времиња, но праксата покажа дека поважно е дружењето и добриот провод. Така и годинава, на познатата дестинација – ресторанот „Котле“ кај Кубурот, Бени и Николче, беше организирано дружење. Домаќините вообичаено понудија квалитет, луѓето релаксирани и задоволни.
Бројот на гости постепено се зголемуваше и веќе стигна до четириесет. Со жива музика и Соте на хармоника, се направи многу добра атмосфера на смеа, вицеви и релаксираност. Членовите од Ресен, иако се “закануваа“ дека ќе прослават во просториите на здружението, сепак дојдоа. Нашите размислувања се дека формите покажаа прогрес, финансиски се пристапни, нашите пријатели и сега покажаа благодарност кон лицата со инвалидност, со што се зголеми пријатното чувство дека надежта секогаш треба да биде присутна, а резултатите ќе си дојдат сами по себе. Доброто расположение траеше до полноќ, кога задоволни и духовно релаксирани се ветивме дека ќе ја користиме секоја можност како повод за дружење со што поголем број на наши членови.
На 29.03.2013 година во Струга беше организиран информативен семинар од македонската канцеларија на ТАКСО во изведба на Конект и финансиран од Европската Унија. На истиот учествуваше делегација од МОБИЛНОСТ Битола составена од Нико Јанков, Фанче Георгиевска, Сотир Јоновски од Битола и Кочо Настевски од Ресен. Темата беше „Соработка и мобилизирање на ресурси од бизнис секторот“, постапка за реализирање на даночни ослободувања при донирање или спонзорирање. Семинарот беше организиран во два дела, претпладне и попладне со пауза за ручек. Го отвори и претстави претставникот за ТАКСО - Сунчица Саздовска, а успешно го водеше извршниот директор на Конект – Никица Кусиникова. Беа претставени целите на семинарот и идентификација на почетни прашања со дискусија. Потоа се пристапи кон значењето на прибирање на средства, потенцијалот за мобилизирање на ресурси и состојбата на корпоративната филантропија.
Претставниците од нашата екипа активно учествуваа во дискусијата. По паузата се разговараше за искуствата на македонските граѓански организации во прибирањето на средства од бизнис секторот, нивната перцепција за ГО, клучните елементи за успешното прибирање на средства и одговори низ дискусија на конкретни прашања поврзани со мобилизирањето на ресурси. Беше разгледан и законот за донации и спонзорства, како и дел од анкетата за спроведување на истиот од 2007 до 2011 година. Во завршните забелешки нашиот тим имаше забележителни дискусии. Нашата перцепција е дека и досегашниот пристап кон оваа проблематика беше правилен, а овој тип на семинар само ќе ги збогатува нашите знаења и преземање правилни чекори кон добивање на ресурси со кои би ја олесниле реализацијата на програмските и статутарни цели преку проекти.
На 16.03.2013 година, после завршувањето на конкурсот, Комисијата изврши распределба на местата. Тони, Димче и Фанче професионално си ја завршија работата. Вообичаено листата има минимални измени (неможност или спреченост). Другите активности следат.