НАЦИОНАЛЕН СОЈУЗ НА ЛИЦА СО ТЕЛЕСЕН ИНВАЛИДИТЕТ НА МАКЕДОНИЈА

Mobile menu

logomob

1Во Мобилност Скопје членува едно младо симпатично дете, кое зрачи со позитивна енергија, активно и атрактивно, секогаш на мета на фоторепортерите дали при отворање на адаптирани инклузивни детски игралишта, или на разни забави и театарски претстави, дури и пред ТВ камерите на УЕФА со репрезентативците на Република Македонија во фудбал, пред натпреварот Македонија-Белорусија. Тоа е нашиот Јане Велковски.

Е токму на Јане, на 25.09.2016 (во неделата) на враќање од роденденска забава од игротеката во МКЦ во Скопје, му се случи немил настан со лифтот кој за среќа нема посериозни физички последици по Јане. При влегувањето во лифтот, истиот неконтролирано тргнал надолу пред Јане и мајка му да влезат во него, односно додека само предните тркала од електромоторната количка која тежи стотина килограми штотуку згазнале на платформата. Такво нешто не може да се случи доколку лифтот е исправен. Исплашени и тој и мајка му, успеале некако тој да се задржи со рачињата за страничниот дел од платформата на лифтот, додека мајка му со сета сила ја тегнела количката наназад да не се струполи нанапред сосе Јане, кој пак за среќа бил врзан со појас, инаку сигурно би се струполил пред количката и би се повредил.

Мајка му, Деница Велковска, објави на нашата фејсбик страница:

„Тоа што му се случи на мојот син Јане можеше да помине незабележано! Но една новинарка се заинтересира да ја објави случката во весник за да се предупредат надлежните за сериозноста на настанот, и истата не е ни удостоена да добие одговор од МКЦ на прашањата кои се од круцијално значење за да не се повтори!
Тоа ме погоди од повеќе аспекти:

  1. Сакаат да се скрие, да не се дознае?
  2. Мислат дека е ситна работа да биде загрозен живот на дете, само ради тоа што "извлекло жива глава"?
  3. Да не се опоменат сите, па да се случи и на друг, може и полошото?
  4. Да трошат на друго (со респект кон сработеното), а да заштедат на одржување на лифтот и да се убие некој е во ред?
  5. Да го сакаме МКЦ, а да не се грижиме за безбедноста на сите посетители е доволно?
  6. По доживеан страв од замалку паѓање "како од отворен прозорец на спрат" мислат дека се продолжува како ништо да не било!!??
  7. Каде живееме!!??

Дај Боже да можат секогаш скали да употребуваат и никогаш лифт да не им е неопходен, само тоа ќе им посакам! И да се засрамат малку за ваквата ароганција! Се друго се надевам ќе се реши службено. Нека им биде "Бела ноќ"-та, од кога го запечатија лифтот и воедно оневозможија посетата на сите лица со инвалидски колички“.

Се надеваме дека случката објавена во „Утрински весник“ на 27.09.2016 година под наслов „Лифтот за инвалиди во МКЦ е опасен по живот!“ допрела и до вас, драги читатели и дека подетално сте запознаени со истата. Му посакуваме на Јане да се опорави целосно, пред се да го потисне и надмине стравот кој неминовно му се всадил во „умното главче“ што е можно поскоро, а надлежните да не преминат преку случката бегло, да ја поднесат одговорноста, итно да го поправат лифтот за да им овозможат пристап на лицата со инвалидност во МКЦ и никогаш повеќе да не го остават без сервисирање.

А, дали само МКЦ? Се прашувам дали и останатите лифтови низ јавните институции и стамбените згради редовно и стручно се сервисираат, кога постојано читаме или слушаме за дефекти кои дури земаат и човечки животи. Во Република Македонија живеат луѓе, еднакви со другите (барем на хартија) кои за премостување на висински разлики мораат да користат исклучително лифт, кои за движење користат исклучително инвалидска количка, кои според сите меѓународни Конвенции имаат право на независно движење и уживање на потполна слобода во движењето. Сервисирањето на лифтовите чини одредени средства, но дали тие средства чинат повеќе од еден човечки живот? Дали е остварување на право на слобода на движење користење на несервисиран лифт со ризик за повреда!!!?

Нека случката со Јане послужи како апел од Мобилност Македонија до надлежните државни институции и инспекциски органи за спроведување на сериозна контрола на исправноста на лифтовите и доследно спроведување на пропишаните мерки за безбедност. Па колку чини, да чини....

Б.Јовановски